“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

недеља, 19. јануар 2014.

БОГОЈАВЛЕНИЕ (ВОДИЦИ)


БОГОЈАВЛЕНИЕ (ВОДИЦИ) 
Богојавление или Водици е денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат Јулијанскиот календар. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл. Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање или Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител а се нарекува уште и Женски Водици. На тој ден Водици, традиционално, во цел православен свет, се фрла крстот во вода - река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде(фати) крстот, ќе биде среќен во следната година. Овој настан го симболизира влегуањето на Христос во реката Јордан. Во реката Јордан, се слушал гласот на пророкот Св. Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покајат за своите гревови и да примат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеја. И, Господ Исус Христос дошол при Јована на Јорданските води за да биде крстен од него, кој со Своето предвечно човекољубие, одлучил да го спаси човечкиот род. На 30- годишна возраст бил крстен во реката Јордан од Свети Јован Крстител. Јован ја позна величината на Христовата божествена природа и затоа пред народот рече: "Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!". Со тоа Христос го потопи прародителскиот грев и гревовите на сите луѓе од постоењето на светот. Штом се крстил, излегол од реката, му се отвориле Небесата и Духот Божји во телесен вид како гулаб се спуштил над Него. Глас од Небесата говорел: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! "Гласот на Отецот е упатен кон Неговиот Син, но поради Него ги повикува сите луѓе од светот да се крстат и да станат синови и ќерки Божји.

Нема коментара:

Постави коментар