“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

петак, 28. фебруар 2014.

Ксантија и Македон

Според преданието, Ксантија била божица на сите цвеќиња, на љубовта и убавината. Во неа бил заљубен македонскиот Бог Македон, но откако злите сили ја претвориле Ксантија во цвет, Македон секоја пролет ја барал својата љубов на сите ливади и полиња, покрај сите бистри потоци и реки, во сите градини во својата земја Македонија. Во чест на оваа необична и несреќна љубов на Македон и божицата Ксантија, Македонците првиот месец на пролетта го нарекле Ксант, а пролетниот празник Ксантика.


"Ксантика е една од најсветлите обележја на старомакедонските народни обичаи, која со својата волшебна моќ ги обединувала душите на Македонците во заедничките стремежи за опстанок и подобар живот.
Ксантика Македонците ја празнувале како празник на пролетта, љубовта, цвеќињата и убавината. Но, за жал, во сегашно време не се знае скоро ништо за овој духовен празник, кој во старо време беше синоним за македонскиот идентитет. Се чини дека Ксантика е оставена на заборавот на времето, да изгасне со природна смрт. Може и затоа што таа е чист македонски феномен, никој од нашите соседи не се осмелил да ја присвои и прикаже како дел од своето културно наследство.
Првите податоци за Ксантика потекнуваат од VI век пред Христа и нив ни ги пренесува старогрчкиот писател Хесихиос, од кои дознаваме дека Ксантика ја празнувале луѓето кои живееле на север од Олимп и дека при празнувањето доаѓало до излив на силни емотивни чувства, тешко разбирливи за елинскиот свет. Многу подоцна, во I век од новата ера дознаваме за Ксантика од античките писатели: Диодор, Јустин и Куртиј Руф.
Тие во своите дела посветени на походите и подвизите на Александар III Македонски, ја споменуваат Ксантика како празник на пролетта, во кој македонските војници ја манифестирале длабоката почит кон обичаите на своите предци. Од нив дознаваме дека Ксантика се славела секоја година, со спонтани манифестации, културни приредби и спортски игри, без разлика што престојувале меѓу други со различни култури. Празнувањето на Ксантика преставувало голема атракција за тамошните жители. Македонските војници ја славеле Ксантика облечени во свечена македонска облека, пееле и играле македонски песни и ора со што ја истакнувале својата посебност во однос на војниците припадници на други народи, а посебно од војниците на елинските државички-градови.
Современите истражувачи на македонската историја, американскиот професор Јуџин Борза и британскиот научник Николас Хејмонд, ја споменуваат Ксантика како посебен празник на кој Македонците им оддавале особена чест и на починатите македонски цареви. Тоа го правеле во завршните свечености на празникот, кога во свечената поворка во македонската престолнина Пела се изнесувале златната дијадема, воената опрема, оружјето, царскиот дневник и други воени трофеи на секој починат цар во посебни возила.
Вреди да се нагласи дека и Александар III Македонски својот историски подход, го започнал во пролетниот празник - Ксантика.
Што значи "Ксантика" и зошто Македонците го празнувале овој празник спонтано со невиден занес, гордост и љубов?
Неуморниот истражувач на изворната македонска митологија, проф. Ташко Белчев, во своето дело: "Орфеј - Горпеј", ја оживува легендата за Божицата на цвеќињата Ксантија и богот Македон, синот на семоќниот Бог на Пантеонот Ѕевс (Диј).
Според преданијата, Ксантија била Божица на сите цвеќиња што цветаат во градините, полињата и горите. Во неа бил вљубен до последниот здив Богот Македон. Но, откако злите сили на некои од боговите на Пантеонот ја замениле Ксантија во цвеќе, кутриот бог Македон, секоја пролет ја барал својата прва и незаборавна љубов низ сите ливади и полиња, кај сите бистри потоци и реки, кај сите цветни градини во својата омилена земја - Македонија.
Во чест на оваа необична и несреќна љубов на Богот Македон и на Божицата на цвеќињата Ксантија, Македонците првиот пролетен месец го нарекоа Ксант, а пролетниот празник Ксантика.
Празникот на пролетта Ксантика е многу битен за сфаќањето на светогледот на Македонците, за нивното обединување и формирањето на нивната држава од страна на легендарните аргеадски цареви со потекло од Орештија (Орестија).
Ксантика е празник во кој Македонците верувале дека се случува "измивање на душите", простување на гревовите, доминација на разбудената пролетна светлина врз зимската темнина, што ги притиска нивните души. Симбол на празникот беше црвено-белата врвка исплетена од бел и црвен конец.
Од тука, нешто што е и до денес зачувано и кај нас, тоа е онаа "мартинка", онаа просто волшебна црвено-бела плетенка која тогаш се провлекувала како нишка за спојување на тие луѓе за време на празникот.
Белата боја во таа плетенка најверојатно потекнува како симбол на белиот делфин кој се сметал за божји дар и кој живеел само во Егејско Море, па и оттука и називот" Беломорска Македонија".
Белата боја се сметала за симбол на чистота и искреност, а црвената боја за симбол на светлоста и љубовта.
Ксантика беше длабоко впиена во душите на Македонците со вчудоневидена сила.
Славањето на Ксантика беше проследено со невиден ентузијазам и занес.
Црвено-белите симболи се ставаа на вратите и прозорците и оградите.
Жените и девојките од нив правеа ѓердани, си ги украсуваа косите.
Мажите ги врзуваа на ремените или на појасите.
Децата ги носеа како белегзии на рацете.
На коњите и на јагнињата им се правеа буфки од црвено-бело предено.
Црвено-белите симболи се ставаа и на оралата, на јаремите, ги обелжуваа со нив кравите и овците, се ставаа на крблата за молзење млеко.
Жените ја истакнуваа облеката, исткаена и извезена во зимскиот период, збогатена со изворна инспирација, монументална хармонија и раскошен колорит.
Најзабележителни беа долгите и широки фустани за на оро, наречени ајти, како и кошулите, прегачите и муфеските со разновидни украси, прекрасен вез, збогатен со живописен колорит, што претставуваше вистински израз на творечката надареност.
Главни обележја на машката облека беа: шеритот (појас), што се сметаше за симбол на машкоста, хламидата (наметка) и богато извезената и накитена кошула. Мажите на главата носеа бели ленти или каусии (капи со широк круг).
Вистинска убавина претставуваа нивните мелодични песни и развиорените ора, особено карпеа (карпестото) и телесија (телесното).
Низ сите населени места, низ сите долини и планини ечеа со застрашувачка моќ волшебните звуци на тапаните, гајдите, грнетите, буриите, зурлите и кавалите.
Ксантиката се славаше цел месец, со зачудувачки ентузијазам и вознес кон боговите и вечното Сонце - симболот на животот."

недеља, 16. фебруар 2014.

Стивен Вајнберг

„Колку повеќе ја разбираме вселената, толку побесмислена ни изгледа“

Стивен Вајнберг (роден на  3 мај 1933 година) е американски физичар.

Вајнберг е најпознат по теоријата дека две основни сили - слабата интеракција и електромагнетната сила - се обединети (унифицирани), т.е. дека дејствуваат на ист начин, при екстремно високи енергии, како оние што постоеле веднаш по Големата експлозија (Биг Бен). Вајберговата таканаречена електрослаба теорија била потврдена при експериментите во акцелераторот на честички во 1973 година. Заедно со своите колеги доби Нобелова награда за физика во 1979 година

Вито Волтера


 Вито Волтера (3. мај, 1860- 11. октомври, 1940) бил италијански математичар и физичар, познат по придонесите за математичката биологија и интегралното сметање, како и како борец против фашизмот. Во 1931 година бил еден од само 12 од вкупно 1250 професори кои одбиле да ја дадат задолжителната  заклетва на верност на режимот на Мусолини. Волтера бил роден во сиромашно еврејско семејство во Анкона, која во тоа време била дел од Папската држава. Талентот за математика го покажал и пред запишувањето на Универзитетот во Пиза, каде што потпаднал под влијание на Енрико Бети. Во 1883 година станал професор по рационална механика. При тоа ја започнал работата на теориите на функции што довело до негово интересирање и понатамошни придонеси во областа на интегрални и диференцијални равенки. Неговото дело е сумирано во книгата „Теорија на функции и интегрални и интегро-диференцијални равенки“ (1930). Во 1892 г. станал професор по механика на Универзитетот во Торино и потоа, во 1900 г. и професор по математичка физика на Универзитетот во Рим Ла Сапиенза. Кога започнала Првата светска војна, средовечниот Волтера се пријавил во Италијанската армија и работел на развој на воздушнни бродови (балони/дирижабли) под водство на Џулио Дуе. При тоа Волтера вил зачетник на идејата за користење на интертниот хелиум наместо запалливиот водород, а ги користел своите лидерски способности за организирање на работниот процес. По Првата светска војна, Волтера го насочил вниманието кон примената на неговаите математички идеи во биологијата, преку повторување и развивање на работата на Пјер Франсоа Верхлуст. Најпознатиот резултат од овој период се равенките Лотка-Волтера. Во 1922 година се придружил на опозицијата на фашистичкиот режим на Бенито Мусолини и во 1931 година бил еден од само 12 од вкупно 1250 професори кои одбиле да ја дадат обврзната заклетва на верност. Неговата политичка филозофија може да се увиди од разгледница што ја пратил во триесеттите години, на која може да се види текст што може да се сфати и како епитаф за Италија на Мусолини:

„Империите умираат, но Евклидовите теореми остануваат вечно млади“.

Волтера не бил радикал, туку доживотен ројалист и националист, па веројатно ќе се спротивставел и ако левичарската опозиција на Мусоолини дошла на власт. Како резултат на неговото противење да потпише заклетва на верност кон фашистичката власт бил присилен да го напушти професорското место и членството во научните академии. Во текот на неговите последни години живеел претежно во странство и се вратил во Рим кратко време пред смртта.

Во чест на Вито Волтера имаат добиено име кратерот Волтера на Месечината и астероидот 14072 Волтера.