“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

четвртак, 24. март 2016.

ЕРАТОСТЕНОВ ЕКСПЕРИМЕНТ


ЕРАТОСТЕН ОД АЛЕКСАНДРИЈА
Математичарот, астрономот и географот Ератостен (276 – 194), бил голем филозоф и логичар и успеал со голема точност да ја одреди обиколката и  радиусот на Земјата, како и оддалеченоста на Сонцето и на Месечината од Земјата. Приказната за ова негово откритие е многу позната, а за неа пишувал и Карл Саган во својата книга “Космос”
Додека бил управник во Александриската библиотека Ератостен  прочитал еден папирус на кој пишувало дека во градот Асуан (Сиена) во време на летна рамноденица, 21 јуни, човек може да се огледа од мирна површина на вода во еден многу длабок бунар.
Од овој напис Ератостен заклучил дека таму сончевите зраци паѓаат нормално на површината од Земјата, односно на 21 јуни – летна рамноденица, точно на пладне во Асуан (Сиена) предметите не образуваат сенки и поради тоа е возможно да се види водата во длабокиот бунар. Во исто време во Александрија предметите образуваат сенки. 

Оваа различно однесување на предметите, односно образување на сенки во Александрија и необразување на сенки во Асуан (Сиена)  го навело Ератостен да размислува  дека планетата Земја има тркалезна форма. Решил подобро да ја истражи оваа појава и точно на пладне, на летна рамноденица ја набљудувал сенката на еден вертикален столб во Александрија. 
Го измерил аголот помеѓу столбот и сончевите зраци кој изнесувал 7,12 ˚. На песокливо тло го нацртал пресекот на планетата Земја во должина на меридијан. Ги поставил градовите Асуан (Сиена) и Александрија, а потоа ги нацртал сончевите зраци кои доаѓаат паралелно до површината на Земјата и нормално паѓаат на градот Асуан (Сиена). Истите зраци не паѓаале нормално на градот Александрија и затоа образуваат сенки. Се израдувал на оваа откритие. Оваа е доволен доказ дека Земјата е тркалезна, а не рамна плоча како што долг период  се верувало, а и до ден денешен некои веруваат дека е така. Тогаш дошол до идеја, да ја пресмета обиколката на Земјата. Набргу сфатил дека ги нема сите податоци и дека му е потребна вредност за растојание помеѓу Асуан (Сиена) и Александрија.
Замолил еден пријател кој често патувал на оваа релација со карван камили, да ги брои чекорите и на тој начин да го одреди растојанието помеѓу овие два града. Му помогнале сите луѓе што чекореле уз камилите, да дојдат до поточен резултат и изброиле милион чекори. Знаејќи ја средната вредност на еден чекор, пресметале дека се работи за 5000 стадиуми (египетски стадиум – тогашна единица мерка, со вредност од околу 157,5 метри). Со овој податок Ератостен многу едноставно ја пресметал обиколката на Земјата. 
По детално разгледување на скицата што ја направил  на песокливото тло заклучил дека и централниот агол во центарот на Земјата изнесува 7,12 ˚. Аголот од 7,12 ˚ е 50 пати помал од 360 ˚, тоа значи дека обиколката на Земјата е 50 пати подолга од оддалеченоста на Александрија од Асуан ( Сиена).
Пресметка на Ератостен:
360 ˚: 7,12 ˚= 50
Александрија – Асуан (Сиена) = 5000 стадиуми
Обиколка на Земјата: 50 x 5000 = 250000 стадиуми
1 стадиум = 157,5 m
250000 x 175,5 m = 39375000m = 39375 km
Ова Ератостенова пресметка е многу блиска до вистинската вредност која изнесува 40075,16 km (екваторска) или  40.008,00 km (меридијанска).
ЕРАТОСТЕН ОД СКОПЈЕ 
ОД ООУ “ДИМИТАР МИЛАДИНОВ”
Веќе се запознавме дека Ератостен кој прв ја пресметал обиколката на Земјата  и тоа со приближно точен резултат.
Нашиот експеримент го изведовме точно на соларно пладне кога Сонцето било во најоддалечената точка  од Земјата.
Ја меревме сенката на вертикален стап долг 100 cm. Потоа ја одредивме оддалеченста на нашето училиште од Екваторот за време на пролетна рамноденица. 
Сончевите зраци нормално паѓаат на Екваторот и вертикално поставениот стап на Екваторот нема сенка. Тоа е нашиот Асуан (Сиена), а Скопје овојпат  е Александрија.
Соларното пладне го одредивме со Local to Solar Time Converter за одредување на соларно пладне доволно е да ја наведеме  географската ширина  и точно локално време.
Нашето училиште  ООУ “Димитар Миладинов”  се наоѓа на 21.4348 географска ширина  и соларно пладне  е  во 11 : 34 : 16 часот. 
На 21. 03. 2016 год. ја мереве должината на сенката (средна вредност од 5 мерења) која изнесувала 93,5 cm, што одговара на агол од 42 ˚ помеѓу стап долг 100 cm и хипотенуза на правоаголен триаголник  чии катети  се сенката и стапот. Овој агол е еднаков  на агол “α” кој го сече  лакот на меридијанот  во точките екватор и нашето училиште.

Растојанието од Скопје  до Екватор го одредивме  со Google Earth и изнесува  приближно 4666,13 km, ова растојание го проверивме  со географска карта на светот во размер 1 : 80000000 и добивме сличен резултат.
НАША ПРЕСМЕТКА:
360 ˚: 42 ˚= 8.5714285
8.5714285 x 4666,13 km = 39995,399 km
Обиколка на Земјата: 40075,16 km (екваторска),
40008,00 km (меридијанска).


петак, 18. март 2016.

ФОРУМ ТЕАТАР

Нараторот ја запознава публиката со ликовите, времето и местото на случување

ИВАНА - наратор: Вообичаен скопски ден. Градот се дави во магла и отровен смог. Учениците од ООУ “Димитар Миладинов” завршуваат со часовите и се упатуваат дома. Леон и Кате   живеат на Скопска Црна Гора, Деспина, Македонка и Александра во Нерези на Водно, Никола и Мила во Центар, Доротеа, Ненад и Маја во Карпош, Ива, Теа и Вероника во Аеродром а Христијан во Кисела Вода.
Во убавите денови се среќаваат по часовите, спортуваат, се забавуваат, работат на заеднички проекти, а сега секој брза дома што помалку да престојува надвор, што помалку да вдишува од загадениот воздух кој ги разболува и најсилните.

Во 14 часот, Леон и Кате веќе беа дома, ги пречека омилениот ручек, зеленчук подготвен на соларна скара,  скара што пече без чад и оган, а може да работи и во текот на ноќта иако работи на соларна енергија. За време на ручекот им раскажуваа на своите родители колку е темно и непријатно во градот и колку би сакале школото да го преселат на Скопска Црна Гора.
Дедо Ненад: Добро дело направив што ве спречив да заминете во градот. Селскиот живот со градската технологија е совршена комбинација. Ајде нагостете се со вкусниот ручек што ни го зготвило сонцето.
Баба Елена: Ех, некогаш некој да ми рекол дека чистиот воздух ќе стане привилегија. Не би му верувала. Многу сум среќна што живеам во оваа убавина.
Ивана – наратор:  Деспина, Македонка и Александра, качувајќи се по падините на Водно разговараа за секојдневни работи.
Деспина: Колку би сакала да не го минувам патот кој полека, но сигурно ме разболува.
Македонка: Тоа би било возможно само ако училиштето ни е во ова село.
Александра: Сега мора да се избањаме, за да ги тргнеме отровите и непријатните мириси. Замисли колку би морале да плаќаме за струја да не сме ги монтирале соларните колектори, па сега имаме доволно топла вода, а и домовите ни се доволно затоплени.

ИВАНА – наратор: Останатите ученици побрзо стасале дома, ги вклучиле климатизерите да се затоплат, бојлерите да се освежат, да ги тргнат отровите и саѓите од нивното тело, машините да ги исплакнат алиштата и ете ти чудо – снема струја. Иако е 14 часот, чиниш дека е полноќ, темна темница.
Бојан, кој инаку се плаши од темница, го пронајде телефонот и почна да ги бара своите другари да провери дали и во нивните населби снемало струја.
Бојан:  Здраво Доротеа! Во Центар немаме струја, па ме интересира како е кај тебе?
Доротеа: Ох, не само струја, се ми снема, светлина, топлина, храна. Уште ни ручекот не ми се зготви, имам топол јорган и надеж дека бргу ќе дојде струја.
Бојан: Хм, штом и ти немаш струја, дефектот е голем. Може и да потрае. Уживај во романтика, а јас ќе и се јавам на Вероника, таа најдобро знае, татко и работи во ЕВН.
Бојан: Здраво Вероника!
Вероника: И ти ли проверуваш кога ќе дојде струја? Не знам. Татко ми се уште не дојде од работа, ааа еве го, доаѓа.... вели дури во 20 часот ќе дојде струја.
Бојан: Лелеее, а што ке правиме со домашните задачи?
Вероника: Ништо и наставниците знаат дека нема струја, а дефектот се случил поради густата магла. Ве молев јас да го поддржиме проектот на Ива, големиот вентилатор што ќе ја оддува маглата и сите ќе бидеме спокојни.
Бојан: Да, во право си. Треба да и помогнеме, да го реализира проектот.
ИВАНА - наратор: Утредента, учениците се растрчаа, бара спонзори, финансиери да се изгради големиот вентилатор, а енергијата што ќе ја потроши вентилаторот ќе ја плаќаат сите жители на град Скопје. Не беше тешко да се добие согласност, на сите им здодеа ова маглиште.... По неколку месеци, големиот вентилатор ја чистеше скопската котлина од магла и ја префрли во Дојранската котлина.
Вентилаторот стана добар префрлувач на магла, од котлина во котлина, се нарушија меѓукотлинските односи, а магла како магла, не познава граници и навлегува и во соседските котлини, а набргу стана и светски проблем. Секој се обвинува со секого. Се трошат огромни количества на енергија да се реши проблемот, но некако не оди.
Публиката реагира и го менува текот на настаните.
Петар: СТОП! Јас имам идеја! Од утре сите на велосипед, кој не умее да вози велосипед, има градски превоз.
Македонка: Ајде да се обидеме да го намалиме загадувањето на воздухот, од утре автомобилите во гаража.
Елена: И без горење на дрва, отпадоци и пластика.
Бојан:   Да ги затвореме  вратите и прозорците кога го загреваме станот.
Вероника:  Да ги  спуштаме ролетните, да ги навлечеме завесите за да го намалиме губењето на топлината во текот на ноќта.
Ненад: Да, да, а да ги отвораме во текот на денот за да ја искористиме сончевата топлина.
Деспина: Да ги загреваме просториите во кои престојуваме, а не целиот стан.
Александра: Не се загадува само со загревање туку и со осветлување, пеглање, перење, ако штедиш енергија помалку загадуваш.
Кристијан: Така е, со внимателна употреба на електричните уреди, штедиме и ја чуваме животната средина.
ИВАНА - наратор:
Големите котлински вентилатори од година в`година  се помалку работеа, а набргу и целосно престанаа со работа и останаа како споменици да не потсетуваат на некое грдо време кое не посакуваме да се врати.
Клуб "Млади истражувачи"
ООУ "Димитар Миладинов"
Општина Центар Скопје

недеља, 6. март 2016.

КСАНТИКА

На 14 март по нов календар (1 март по стар календар), древните Македонци го празнувале својот празник на светлината наречен Ксантика.
Летник или Ксантика е празник на новото лето. Големиот број обичаи и верувања поврзани со овој ден потекнуваат од претхристијанскиот период и имаат за цел да обезбедат среќа и напредок за луѓето и стоката и магиска заштита од разни несреќи.
Именден празнуваат Евдокија, Мартин, Марта...
Летник или Ксантика е македонски народен празник, којшто се празнува секоја година на 14 март по нов календар (1 март по стар календар) и е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта во Македонија. Овој празник всушност во народните верувања е празник за почеток на пролета односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисол на активниот работен период од годината. Празникот најчесто се празнува во Западна Македонија, односно во Галичник и Мијачијата, Голо Брдо, Пустец, Дебарско, Преспа, Охридско и Струшко. Празникот има повеќе народен отколку верски карактер па така во оние области каде живеело верски мешано население Македонци-православни и Македонци-муслимани како во Голо Брдо и Реканската област празникот го прославувале сите, и православните и муслиманите.
Со процесот на миграција од село во град овој празник е главно запоставен, но тој сѐ уште се празнува во руралните региони на Голо Брдо и Мала Преспа како и во Струшки Дримкол. Поради тоа што овој празник е празнуван само од етничките Македонци (и христијани и муслимани) и неговото славење е најпознато во просторите на етничка Македонија, овој празник се смета како етнички македонски народен празник.
На истиот датум, древните Македонци го празнувале својот празник на светлината наречен Ксантика. Древното верување за овој празник било поврзано исто како и со современиот македонски народен празник Летник. Празникот Ксантика истотака бил поврзан со зголемувањето на аголот на паѓањето на сончевите зраци, односно со зголемувањето на светлината и времетраењето на денот како и со почетокот на пролета - летната сезона во годината, цутењето на пупките на дрвјата и започнувањето на земјоделските работи. Овој древен празник поради истиот датум и истото верување со современиот македонски празник се зема за еден од доказите за етногенетските врски и поврзаноста помеѓу древните и современите Македонци.
Според некои извори, во древно време се сметал и за почеток на годината .
Според сведоштвата на луѓето празникот Летник започнувал да се празнува уште во раните утрински часови, заеднички и од Македонците рисјани и муслимани. Веднаш рано изутрината штом ќе се станело од спиење, луѓето гледале и барале да здогледаат некое пиле (птица) за според верувањето да бидат лесни како птица преку целата година. Потоа погледнувале во своите џебови да имаат златна или сребрена пара за преку годината секогаш да имаат пари и успех (бериќет). Се излегувало во шумите и планините и од таму во домовите се носеле тукушто расцутени дренови гранки и кај куќното огниште и луѓето наизменично се фаќале за дреновата гранка и за синџир за преку годината да бидат здрави како дрен и цврсти и силни како железо, а потоа за здравје се каснувале пуполците од дренот.
Младите деца береле суви гранки и оделе од куќа до куќа фрлајќи ги во куќните огништа велејќи: Колку шумулчиња (пламенчиња), толку дечиња (слично како за Бадник пред Божик). На Летник задолжително доколку се одело во посета на некоја куќа се носело гранка од дрен, а домаќините го гоштевале гостинот со ореви, варена пченка и благо. Тој што ќе се погодел прв во денот да им влезе на домаќините во куќа, годината им минува со радост и успех (бериќет) од него, па затоа домаќините идната година на Летник го бараат повторно да им влезе в куќа (не мора да е прв, може и само како гостин), зашто за него се верувало дека е со „среќна рака“.

        Ксантика е празник во којшто Македонците верувале дека се случува "измивање на душите" и простување на гревовите.
Симболот на Ксантика била црвено-белата врвка исплетена од црвено и бело предиво, која тогаш се провлекувала како нишка за спојување на тие луѓе во една монолитна и нераскинлива целина. Целата земја на богот Македон била преплавена со црвено-белите симболи што претставувале вистинска симфонија на хармонија и соживот. Со црвено-белите симболи се кителе куќите, оградите, се носеле како ѓердани, белегзии, се украсувале со нив косите, се ставале на оралата, крблата за молзење млеко, го украсувале добитокот, а посебно новородените јагниња.
Жените и мажите, младите и старите за време на празнувањето ја истакнувале облеката што била исткаена и исплетена во зимскиот период, збогатена со изворна инспирација, хармонија и раскошна разнобојност, што била израз на творечката надареност.
Вистинска убавина претставувале нивните развиорени ора и мелодични песни. Со застрашувачка моќ ечеле волшебните звуци на тапаните.
Ксантика останала неуништлива до денешно време, зашто е всадена во нашата културна традиција. Таа секоја пролет е со нас. Ја гледаме во празнувањата на Прочка, Цветници, Лазарица, Благовец, во народните ракотворби, во изворноста на македонскиот вез, во монументалноста на нашите песни и ора, во звуците на тапаните и грнетите, ја гледаме во сјајот на пролетните цвеќиња. Во некои региони на нашата земја и ден денес можат да се видат црвено-белите симболи познати како "мартинки", а луѓето ја дочекуваат пролетта со радост и спонтани веселби.


субота, 27. фебруар 2016.

КОКИЧЕ

   Освен што се предвесник на пролета, кокичињата се и цвеќиња на надежта. Според легендата, кокичето станало цвеќе на надежта кога Адам и Ева биле протерани од Едемската градина. Во еден момент кога Ева ја изгубила сета надеж дека зимата никогаш нема да заврши, дека нема да заминат студените денови, се појавил ангел кој ги трансформирал снегулките во цветот кокиче и со тоа повторно им ја вратил надежта за потопли и подобри денови. Оваа легенда ни укажува дека секогаш постои надеж, дека секоја зима си има своја пролет, а пробивањето и растењето на кокичињата во снегот се показател за подобрите денови кои доаѓаат.
   Се смета дека потеклото на кокичињата е од Мала Азија и Европа. Тие се распространети најмногу во умерениот климатски појас, каде има снежна и студена зима. Тие се првите растенија кои цветаат во пролет, и тоа пред да се стопи снежната покривка. Најпознатите и најзначајни видови се кримското кокиче, и кокичето-џин. Родот кокиче вклучува околу 20 видови ниски монокотиледонски и многугодишни растенија кои ù припаѓаат на фамилијата кокичиња. Вообичаената боја е бела. Кокичињата изгледаат како капки млеко кои висат од стеблото, па од таму потекнува и латинскиот термин Galanthus што значи млечно бели цвеќиња. Нивните листови се нежно зелени, а снежно белите венечни ливчиња (6 на број), речиси се целосно сраснати. Само надворешните три венечни ливчиња се разделени, додека останатите се сраснати. Повеќето видови кокичиња се одгледуваат како украсни растенија, бидејќи имаат убави цветови. Тие меѓу луѓето се сметаат за градинарски растенија. Некои од видовите се загрозени и со можност за исчезнување, па затоа се заштитени со закон. Фамилијата на кокичињата е нашироко распространета – таа вклучува видови кои виреат во многу различни услови. Некои се распространети во потоплите климатски зони (понекогаш во пустини), но ги има и по влажни предели. Трети цветаат по стопувањето на снеговите на планините. Постојат 75 видови и врсти кокичиња. Фамилијата кокичиња вклучува многугодишни, монокотиледонски, цветни растенија. Најчесто подземниот орган на кокичињата е многу ситен (кокиче) или пак има голема луковица (хипеаструм). Листовите се зелени, а цветовите се со различна големина и ги има доста. Обично се со пријатен и нежен мирис.