Проклетије,
познати како Албански Алпи или Тројански Планини, се еден од највеличествените
и најсурови планински масиви на Балканот, што се протегаат низ северна
Албанија, западно Косово и источна Црна Гора. Со своите остри гребени, стрмни
карпи и длабоки леднички долини, планината оставува впечаток на недопрена и
моќна природа. Највисокиот врв е Езерски Врв (2694 м) во Албанија, а тука се и
највисоките врвови на Црна Гора - Зла Колата (2534 м) и на Косово - Ѓеравица
(2656 м). Длабоките долини како Валбона, Грбаја и Ропојана сведочат за силната
ледничка ерозија, а во албанскиот дел се наоѓаат и најјужните активни ледници
во Европа. Една од најимпресивните природни појави е Руговската Клисура, кањон
долг 25 километри и длабок до 1000 метри.
Кога
пристигнавме до подножјето на Проклетије, како да влегувавме во друг свет.
Патот полека се издигнуваше кон срцето на планината, а долината остануваше зад
нас. Секој свиок откриваше нови погледи - стрмни карпи, густи шуми и тивки
планински пасишта, волшебни места со недопрена природа. Подножјето беше
обвиткано во густа магла, додека повисоките делови беа покриени со снег и
панорами што оставаат без здив. Приморани на бавно качување, се изнагледавме
снежни пејзажи и тивка дивина која те тера да застанеш и да се восхитуваш.
Возењето
низ Проклетије не е само патување меѓу две земји, туку кратка средба со една од
највеличествените и најнепитомите планини на Балканот, место каде суровата
природа и величествените врвови оставаат незаборавен впечаток.
Нема коментара:
Постави коментар