“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

недеља, 6. март 2016.

КСАНТИКА

На 14 март по нов календар (1 март по стар календар), древните Македонци го празнувале својот празник на светлината наречен Ксантика.
Летник или Ксантика е празник на новото лето. Големиот број обичаи и верувања поврзани со овој ден потекнуваат од претхристијанскиот период и имаат за цел да обезбедат среќа и напредок за луѓето и стоката и магиска заштита од разни несреќи.
Именден празнуваат Евдокија, Мартин, Марта...
Летник или Ксантика е македонски народен празник, којшто се празнува секоја година на 14 март по нов календар (1 март по стар календар) и е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта во Македонија. Овој празник всушност во народните верувања е празник за почеток на пролета односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисол на активниот работен период од годината. Празникот најчесто се празнува во Западна Македонија, односно во Галичник и Мијачијата, Голо Брдо, Пустец, Дебарско, Преспа, Охридско и Струшко. Празникот има повеќе народен отколку верски карактер па така во оние области каде живеело верски мешано население Македонци-православни и Македонци-муслимани како во Голо Брдо и Реканската област празникот го прославувале сите, и православните и муслиманите.
Со процесот на миграција од село во град овој празник е главно запоставен, но тој сѐ уште се празнува во руралните региони на Голо Брдо и Мала Преспа како и во Струшки Дримкол. Поради тоа што овој празник е празнуван само од етничките Македонци (и христијани и муслимани) и неговото славење е најпознато во просторите на етничка Македонија, овој празник се смета како етнички македонски народен празник.
На истиот датум, древните Македонци го празнувале својот празник на светлината наречен Ксантика. Древното верување за овој празник било поврзано исто како и со современиот македонски народен празник Летник. Празникот Ксантика истотака бил поврзан со зголемувањето на аголот на паѓањето на сончевите зраци, односно со зголемувањето на светлината и времетраењето на денот како и со почетокот на пролета - летната сезона во годината, цутењето на пупките на дрвјата и започнувањето на земјоделските работи. Овој древен празник поради истиот датум и истото верување со современиот македонски празник се зема за еден од доказите за етногенетските врски и поврзаноста помеѓу древните и современите Македонци.
Според некои извори, во древно време се сметал и за почеток на годината .
Според сведоштвата на луѓето празникот Летник започнувал да се празнува уште во раните утрински часови, заеднички и од Македонците рисјани и муслимани. Веднаш рано изутрината штом ќе се станело од спиење, луѓето гледале и барале да здогледаат некое пиле (птица) за според верувањето да бидат лесни како птица преку целата година. Потоа погледнувале во своите џебови да имаат златна или сребрена пара за преку годината секогаш да имаат пари и успех (бериќет). Се излегувало во шумите и планините и од таму во домовите се носеле тукушто расцутени дренови гранки и кај куќното огниште и луѓето наизменично се фаќале за дреновата гранка и за синџир за преку годината да бидат здрави како дрен и цврсти и силни како железо, а потоа за здравје се каснувале пуполците од дренот.
Младите деца береле суви гранки и оделе од куќа до куќа фрлајќи ги во куќните огништа велејќи: Колку шумулчиња (пламенчиња), толку дечиња (слично како за Бадник пред Божик). На Летник задолжително доколку се одело во посета на некоја куќа се носело гранка од дрен, а домаќините го гоштевале гостинот со ореви, варена пченка и благо. Тој што ќе се погодел прв во денот да им влезе на домаќините во куќа, годината им минува со радост и успех (бериќет) од него, па затоа домаќините идната година на Летник го бараат повторно да им влезе в куќа (не мора да е прв, може и само како гостин), зашто за него се верувало дека е со „среќна рака“.

        Ксантика е празник во којшто Македонците верувале дека се случува "измивање на душите" и простување на гревовите.
Симболот на Ксантика била црвено-белата врвка исплетена од црвено и бело предиво, која тогаш се провлекувала како нишка за спојување на тие луѓе во една монолитна и нераскинлива целина. Целата земја на богот Македон била преплавена со црвено-белите симболи што претставувале вистинска симфонија на хармонија и соживот. Со црвено-белите симболи се кителе куќите, оградите, се носеле како ѓердани, белегзии, се украсувале со нив косите, се ставале на оралата, крблата за молзење млеко, го украсувале добитокот, а посебно новородените јагниња.
Жените и мажите, младите и старите за време на празнувањето ја истакнувале облеката што била исткаена и исплетена во зимскиот период, збогатена со изворна инспирација, хармонија и раскошна разнобојност, што била израз на творечката надареност.
Вистинска убавина претставувале нивните развиорени ора и мелодични песни. Со застрашувачка моќ ечеле волшебните звуци на тапаните.
Ксантика останала неуништлива до денешно време, зашто е всадена во нашата културна традиција. Таа секоја пролет е со нас. Ја гледаме во празнувањата на Прочка, Цветници, Лазарица, Благовец, во народните ракотворби, во изворноста на македонскиот вез, во монументалноста на нашите песни и ора, во звуците на тапаните и грнетите, ја гледаме во сјајот на пролетните цвеќиња. Во некои региони на нашата земја и ден денес можат да се видат црвено-белите симболи познати како "мартинки", а луѓето ја дочекуваат пролетта со радост и спонтани веселби.


Нема коментара:

Постави коментар