“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

среда, 26. март 2014.

СОКОЛАРСТВО



СОКОЛАРСТВО
Соколарство по дефиниција претставува лов на дивеч со дресирана птица грабливка во нејзината природна средина. Тоа подразбира дека без разлика дали во ловот се користи јастреб, орел или сокол, терминологијата останува иста
Соколарењето дозволува природната селекција да одреди која единка ќе победи во ловот, дали грабливката или пак ловената дивеч. Овој аспект единствено се практикува во соколарството, каде што не е најбитно дали ќе биде уловена еребицата туку едноставното присуство на тој драматичен момент кога грабливката се бори да стигне до пленот, а дивечот има многу опции да се спаси и да стигне до засолништето. Ако го споредиме со ловот со ловечка пушка далеку е по непродуктивен имајќи во предвид дека грабливката може да ја улови најслабата единка, а никогаш ALPHA единките кои природната селекција ги предодредила да остават потомство. Ова за жал во ловот со пушка не е запазено. Едноставно никој не е побрз од куршумот. При ловот со дресирани птици грабливки најчесто се користат Јастребот кокошкар (Accipiter gentillis), сив сокол (Falco peregrinus), степски сокол (Falco cherrug) и Златен орел ( Aquila chrysaetos ). Дивеч која најчесто се лови се еребици, фазани, зајци и лисици. Битно да се напомене е дека секој сериозен соколар треба да има со себе и ловечко куче, најчесто од семејството птичари. Кучето му помага на соколарот да го пронајде дивечот за потоа да настапи адреналинската бркотница во ловот со јастреб или пак фантастичниот пад од небото со вратоломна брзина од над 300 km/h во ловот со сив сокол.
Сето ова говори дека за некој да се бави со соколарство пред се треба да ја сака природата и честите прошетки. Треба да биде свесен за природата на птицата грабливка и нејзиниот стил на лов. Имено, Јастребот е птица која е предиспонирана да лови во густите шуми, а соколот пак е принцот на небото и потребен е широк простор без многу дрва при ловот со него.
Соколот својот плен го лови исклучиво во воздухот и никогаш на земја. Јастребот пак е опортунист и пленот го лови каде ќе стигне па дури и по земјата.
Така да секој,  во зависност од теренот кој го опкружува има можност да ја одбере соодветната грабливка со која ќе го практикува овој прекрасен начин на лов. Повеќе од релаксирачки и возбудлив отколку продуктивен кога ќе дојде моментот на споредба со другите видови на лов.
Историјат
Ловот со птици грабливки најверојатно потекнува од номадските народи на Азијатските рамници. Номадите ги користеле птиците грабливки да обезбедат храна неопходна за опстанок, на еден од веројатно најдревните начини на лов во историјата на човештвото.
Подоцна , соколарството се развива во спорт, и оваа фасцинантна соработка меѓу човекот и птицата станала една од најстарите активности на човекот во природата. Соколарството долго време било третирано како благородничка уметност. Ловот со птици грабливки во Средновековна Европа бил аристократска забава и посебни феудални закони како и религиозни нарачки биле вмешани во одгледувањето и тренирањето на грабливките. Дресираните соколи биле ценети како скапоцени поклони од значителна вредност, и често се користеле во дипломатски цели.
Едно од најстарите пишани дела кои сведочат за важноста на оваа уметност во ловот и даваат детален опис на дресурата како и ловот со посебните видови грабливки датира од XIII-от век. Напишана е на латински од Фридрих II - De Arte Venandi cum Avibus или Уметност во ловот со птиците.
Во Македонија постојат многу оскудни податоци за постоењето на соколарството на овие простори во минатото. Некои неодамнешни податоци до кои успевме да стигнеме го сведочат ловот со сокол на чапљи на овие простори.
Детал од плоча на саркофаг –
Самоилова црква на Св. Ахил во Преспанско, 986-990 год.
Св.Маченик Трифун, заштитник на соколарите.

Постои една интересна легенда за Св. Трифун чиј ден 14.02. и ден денес се одбележува од страна на православните христијани. Кнезот Патрикиев за несреќа изгубил сокол кој му припаѓал на Цар Иван Грозни. Плашејки се од најлошото, да биде погубен поради грешката, тој се молел на локалниот светец Трифун да му покаже каде се наоѓа изгубениот сокол.
Уште истата вечер, светецот Трифун му се прикажал на сон и му покажал каде се наоѓа изгубениот сокол. За возврат благородникот Патрикиев му изградил и му посветил црква. Религиозните икони на Св.Трифун го претставуваат во соколарска поза со сокол на раката. 
Птиците грабливки во културното наследство на
Република Македонија
Застапеноста на птиците грабливки во пиктографските и археолошките артeфакти не се привилегија која и припаѓа само на една земја. Овие мотиви можат да бидат забележани во широк хронолошки и територијален опсег. Истовремено, треба да се истакне дека птиците, како што се соколите и орлите, честопати добиваат симболично, хиерархиско и дури религиозно значење во креативниот процес. Оттука, во случај на интерпретација, потребно е да се земат предвид сите овие можности.
Сепак, приказот на птиците грабливки во материјалната култура на една конкретна земја, можат да посочат на нивното присуство во текот на праисториските и историските периоди, како и на нивната популарност кај населението.
Застапеноста на соколите и орлите во сликите од материјалната култура на Р. Македонија датира од праисториските времиња. Во овој контекст е кусиот преглед кој се однесува на само еден дел од артифактите кои потекнуваат од оваа територија.
Монети од Паионски владетел на Аудолеон (315-286/5)


Монета од македонскиот владетел Аминта
Монета од Парореја од Персеј



Еден од првите прикази на птица грабливка (орел) може да се забележи на монетите на Пајонскиот владетелот на Аудолеон (315-286/5 пне). Птицата е прикажана на раката на врховниот бог Зевс. Идентичниот дизајн е применет на монетите на македонските владетели Александар III и Птоломеј I. Иако во овој случај орелот претставува одлика на божество, како и империски амблем, неговиот приказ може да се поврзе со фаунските видови од тоа време, како и со антропоморфната позадина на пантеонот, т.е. човечките одлики кои им се припишувале на боговите.
Делови од саркофагот од црквата на Самоил Св. Ахил, езеро Преспа, 986-900

Друг приказ на птиците грабливки (соколи или орли) може да се забележи на саркофагот откриен во црквата на Самоил, Св. Ахил, кој датира од 986-900. Интересно е што во рамките на овие композиции, насликаните птици се прикажани како напаѓаат животни (камила во едниот случај и водна птица (чапља) во другиот случај). Треба да се истакне дека иконографијата секако имала определено религиозно и симболично значење, но треба да се подвлече дека приказот на птиците грабливки укажува на реалните движења на птиците грабливки додека ловат. Оттука, може да се претпостави дека сликарот ги набљудивал овие птици во неговото опкружување, кои биле или диви или „доместицирани’.
Дел од дрвен ковчег од Терачина IX век
(возможно од македонско потекло)

Чинот на „соколарење“ исто така се појавува на еден ковчег во терачина, Италија од IX век. Иако постојат повеќе претпоставки за неговото потекло, некои научници сметаат дека потекнува од територијата на балканот, т.е. Македонија. Орелот е прикажан како лови животно кое наликува на срна.

Делови од Олтарот во Св. Софија, Охрид, 1037-1045

Цртежите на орли / соколи во религиозната уметност се забележуваат на две гранитни плочи на олтарот во црквата Св. Софија во Охрид кои датираат од.1037-1045. Во овие примери птиците се прикажани во моментот на полетување или носејќи плен. На првата гранитна плоча птицата носи змија што може да се протолкува како типичен христијански мотив, додека на втората плоча во канџите држи зајак. Повторно, иако пред се имаат симболично значење, композициите се одликуваат со длабока артистичка елаборација што говори за своевидно набљудување на однесувањето на птиците.


Златни обетки од Црквиште, Оризари - Кочани XIV век

Мотивите на орел или сокол се присутни дури и во секуларната материјална култура од средновековниот период во Македонија. Постои богат репертоар на слики на овие птици на накитот, особено на прстени и на некои луксузни обетки. Сите тие датираат во периодот меѓу XI-XV век кога најчесто претставувале богат подарок. Оттука, јасно е дека им припаѓале на конкретни личности. Без оглед на тоа дали цртежите биле дел од модата или имале религиозна или хиерархиска симболика, треба да се истакне дека научниците ја оставаат отворена можноста дека накитот во средниот век претставувал симбол за членство на определена група.
На крајот, би сакале да посочиме еднен пример - приказот на соколар во манастирот Св. Јован на Патмос, од XII век. Иако далеку од територијата на Република Македонија, овој остров во споменатиот период бил дел од Византиската империја, во која исто така влегувала и Македонија.  Доколку постои пример на соколар од XII век, на Патмос, не е премногу амбициозно да се претпостави дека во тој период и подоцна постоеле соколари и на другите делови од Византиската империја.

Манастир Св. Јован, Патмос XII век

Соколарството како заштитна мерка во Авиосообраќајот, и како мерка за заштита на лозови насади и објекти од значење

Соколарството се почесто се употребува како заштитна мерка на аеродромите, лозовите и овошни насади како и објекти од значење. Како најприроден и најуспешен метод во растерувањето на птиците кои можат да претставуваат опасност по авионите, а индиректно по човечки животи, земјоделски насади и посеви, како и по естетскиот изглед на дадени објекти. Професионален соколар со самото летање на грабливката допринесува до контрола на птиците односно по пат на природно врежаниот страв од грабливките птиците се растеруваат од дадената територија. Овој начин за контрола на птиците е најеколошкиот и поволен кон животната средина.

превземено од:




Сокол

Соколот како македонски симбол

Соколот е птица која доста често (ако не и најчесто) во споредба со другите видови птици, се среќава во македонските народни песни.
"Море сокол пие" е една од најпознатите македонски народни песни. Во неа соколот се нарекува "јуначко пиле" и преку прашањето "Море нели виде јунак да премине" се прикажува како придружник на македонските јунаци.
Во песните за македонските револуционери и херои Јане Сандански и Гоце Делчев "Кога падна на Пирина" и "Сокол ми лета високо" , како и во песната "Бор садила мома Евгенија" поврзаноста меѓу соколот и јунакот е дури поистакната.
Во "Кога падна на Пирина" , трите сокола споменати во стиховите: "Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански, долетеја три сокола..." се персонификација на трите дела на Македонија: Вардар, Егеј и Пирин.
Соколот како митолошки помагач на македонскиот народ во неговите најтешки мигови е претставен и во песната "Убава Калина"
Во "Сокол ми лета високо" соколот се јавува како гласник за смртта на херојот Гоце Делчев. Какво е преносното значење на соколот што лета високо е дискутабило. Можеби преку високиот лет на јуначкото пиле, народниот гениј сакал да го прикаже преминувањето на војводата Делчев од земскиот живот во легендите, исто како што олимписките богови ги поставувале хероите по смртта, на небото како соѕвездија.
Сивиот сокол (Falco peregrinus) споменат во песната "Бор садила мома Евгенија" живее на територијата на Македонија и е најбрзата птица, а воедно и живо суштество не само во Македонија, туку и во светот.
Не случајно и во песната "Назад, назад, Калино моме" соколот преку стиховите "Ќе се сторам јас сокол пиле и пак кај тебе ќе дојдам. Гора ќе прелетам..." е претставен како господар на небото за кого ниедна далечина и висина не е недостижна.
Интересна тривија е дека постои антички приказ на Александар III Македонски, како египетски фараон и египетскиот бог Хорус којшто има човечко тело и глава на сокол.
Сивиот сокол се спомнува и во една од најпознатите македонски песни "Тешкото" на Блаже Конески:
До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце - сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!

Селото Соколарци (општина Чешиново-Облешево) го носи името поради тоа што таму за време на отоманската окупација (а можеби и предтоа) жителите на селото одгледувале соколи за воени цели. Во песната "Блазе тебе Шаин ѕвездо" (исп. Рајна Спасовска) е опеан шаинот (дијалект) односно соколот обучен да лови други птици.
Падобранската единица за специјални намени се вика Сокол, и делува под мотото “Само оној сокол што го бие ветер е цврст и јак”. Постои и караула во јужниот дел на Р. Македонија која го носи истото име.
Ловечкото друштво од Куманово кое е едно од најстарите ловечки друштва во Р. Македонија, основано во 1924 година, од 1951 година се вика Сокол.
Личното името Сокол и презимињата Соколов/ски, Соколаров и Соколарски исто така се среќаваат во Македонија.
(Александар Стеванов)

петак, 7. март 2014.

8 Март - Меѓународен ден на жената


Меѓународниот ден на жената е меѓународен празник што се одбележува на 8 март секоја година.Тоа е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистираше социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка.
Во 1910 под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржале мировни собири.
Демонстрации на работничките се оддржувале речиси во сите поголеми европски градови секоја година до 1915 година, а главно барање на тие маршеви било еворпските земји конечно да воведат универзално право на глас.
По победата на болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8 март по прв пат е прогласен за државен празник. Советска Русија беше прва држава која  8 март го одбележа со црвени букви на календарот во 1917 година, а неработен ден стана во 1965 година.
На запад во 1920-тите одбележувањето на 8 март полека замре, а оживеа во 1960-тите заедно со растежот на феминизмот.
Денес, 8 март е државен празник само во малку земји како Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Бугарија, Монголија, Узбекистан, Виетнам, Кина.
Република Македонија е една од ретките земји во кои се празнува Меѓународниот ден на жената, иако овој празник има само симболичен статус и не е поврзан со идеалите за родова рамноправност. Во Мозамбик, Денот на жената се прославува на 7 март како знак на сеќавањето на смртта на националните херои и првата жена на првиот претседател на држвата Саморе Машела, Жозине Машел, која почина во 1971 година.
Во Јужноафриканската Република, Денот на жената се одбележува на 9 август во знак на сеќавањето на 1956 година, кога неколку илјади жени организирале марш против режимот во Преторија, што на суров начин беше задушен од страна на властите.