“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

петак, 3. мај 2013.

Чернобилски црнила

На 26 април 2013 година се навршија 27 години од катастрофалната хаварија во нуклеарната централа Чернобил, централа сместена во непосредна близина на градот Припјат, на самиот север на Украина, до граница со Белорусија. Во ноќта помеѓу 25 и 26 април, еден од реакторите на нуклеарната централа „Владимир Илич Ленин“, експлодираше во 1 час и 24 минути по полноќта по локалното време. Денес 27 години по хаваријата, нуклеарната централа во Чернобил, претставува опасност по здравјето на луѓето не само во Украина, туку и на  целата северна хемисфера. Тој ден настрада 31 работници, а од озрачената територија е евакуирано повеќе од 100.000 луѓе. Радиоактивниот облак во наредните денови ја покри Европа. Радиоактивната прашина ја покри територијата на СССР, Полска, Бугарија, Германија, Шведска, Швајцарија, Белгија, Холандија, Велика Британија, Финска, СФРЈ, Романија, Австрија, дури и источниот дел на С.А.Д. Меѓународната организација за заштита на природната средина „Гринпис“ соопшти дека последиците на оваа хаварија однесе преку 200.000 човечки жртви, а преку 270.000 луѓе кој што имаат онколошки заболувања, се во директна врска со оваа нуклеарна хаварија. Градот Припјат кој што се наоѓаше во непосредната близина на нуклеарната централа Чернобил, денес е град на духови и денес на некој начин претставува предизвик за храбри туристи. Според званичните податоци во 1986 година овој град имал 49.400 жители.


среда, 1. мај 2013.

Велигден



Велигден или Ден на Воскресението Христово е најважниот верски празник во православниот календар. Христијанските верници со овој празник го прославуваат воскреснувањето на нивниот бог Исус Христос по неговата смрт со распнување околу 27-33 година н.е. Тоа се случило на третиот ден по неговата смрт, сметајќи го и денот на смртта т.е. првиот ден недела после Велики петок. Православните христијани на тој ден се поздравуваат со поздравот „Христос воскресна“ на што се одговара „Навистина воскресна“. Велигден и празниците кои се поврзани со него се подвижни празници, тие не паѓаат на ист датум секоја година според грегоријанскиот (цивилниот календар) или јулијанскиот календар (кои го следат движењето на Земјата околу сонцето и годишните времиња). Тие се фиксни според лунарниот календар кој е сличен, но не ист со еврејскиот календар. Велигден се празнува после еврејскиот празник Пасха (хеб.pessach), во првата недела после полна месечина, која што е на самиот ден на пролетната рамнодневница или непосредно по неа. Во периодот од 1900 до 2100 година Велигден може да се падне помеѓу 4 април и 8 мај. Во православието, подготвувањата започнуваат со Великите пости. По петтата недела (ден) од великите пости доаѓа Цветната недела, која завршува со Лазарова сабота. Овој ден го означува завршетокот на Великите пости, иако празникот продолжува и следната недела. Потоа доаѓа празникот Цветна недела (Цветници), Светла седмица, и најпосле самиот Велигден, и постот прекинува веднаш по Божествената литургија. По велигден следи Томината недела, за време на која нема постење дури ни во среда и петок. Велигденската служба започнува на полноќ (почеток на Велигденското утро). Со тоа што оваа служба е на полноќ, на истата ѝ е загарантирано дека ниедна литургија нема да дојде пред неа изутрината. Ова се должи на фактот што Велигден се смета за „празник над празниците“.
Обичаи за прославата на Велигден
Прославата на најголемиот христијански празник, Велигден, започнува доцна на Велика Сабота, пред полноќ, кога верниците се збираат околу храмовите, а трае во текот на целиот ден Велигден, кога се прославува воскресението Христово. Кога верниците ќе пристигнат пред храмот, неговите врати се затворени. Сите со нетрпение го чекаат полноќ, кога ќе пристигне веста за празниот гроб, доказот за воскреснувањето на Исус, што всушност ги поставило темелите на христијанската религија. Неколку мигови пред полноќ, свештеникот ги поведува верниците на три кругови околу црквата, во исчекување на радосната вест. Круговите ги симболизираат трите најтешки денови од Велики Петок (смртта на Исус) до Велигден. По трите круга, отчукува полноќ, вратите се отвораат и храмот ја прима реката верници што дошле да го прослават празникот.
Потоа церемонијата продолжува со пеење на песните кои раскажуваат за победата над смртта, за вечниот живот којшто Исус им го подарил на мртвите. По завршувањето на песните, започнува причесната. Тогаш се причестуваат сите оние коишто постеле за време на велигденските пости, примајќи го виното, крвта и нафората, телото Исусово.

Велигденско јајце


Што симболизира велигденското јајце? 
Јајцето отсекогаш се сметало за симбол на повторното раѓање и се поврзувало со оживувањето на природата. Во многу култури јајцето се сврзува и со плодноста, а во минатото постоеле верувања дека целиот универзум е создаден од едно џиновско јајце. Се смета дека ова сфаќање произлегува од латинската поговорка „Omne vivum ex ovo“ што во превод значи „Целиот живот потекнува од јајце“. Во христијанството велигденското јајце го симболизира Христовото Воскресение. Тврдата лушпа на јајцето го претставува гробот на Исус, а кршењето на јајцата го симболизира воскреснувањето од мртвите. Затоа, кога некому подаруваме велигденско јајце, ние го поздравуваме со зборовите „Христос воскресна“. За Велигден традиционално јајцата се бојадисуваат и декорираат. Во западните култури бојадисувањето на јајцата постепено започнува да се заменува со купување на чоколадни јајца и пластични јајца полни со бонбони, но кај нас традицијата на вапсување силно се негува. 
Кога се бојадисуваат велигденските јајца? 
Велигденските јајца се бојадисуваат и декорираат на Велики четврток. Првото јајце се бојадисува пред изгревот на сонцето, затоа што се верува дека нема да се расипе и дека ќе трае цела година доколку не го види сонцето. Домаќинките рано наутро вапсуваат три јајца во црвена боја. Со првото јајце за здравје се исцртува крст по лицето на децата во куќата со зборовите „Црвено, бело, дебело“ или „Црвено, бело, здраво и живо“. Тоа јајце се смета дека има заштитна моќ и се чува на посебно место во куќата до следниот Велигден. Бројот на бојадисани јајца зависи од бројот на членовите на семејството, но јајца се бојадисуваат и за секој гостин кој ќе го пречекори куќниот праг. 
Зошто првото јајце треба да биде црвено? 
Црвената боја ја симболизира пролеаната крв на Исус за спасение на луѓето на земјата, а воедно претставува и победа, здравје, оптимизам и љубов. Постојат многу легенди кои објаснуваат кое е значењето на црвеното јајце и зошто токму тоа има најголема моќ. Според една од нив, кога Марија Магдалена го видела Исус по неговото воскреснување, таа со себе носела кошница со јајца за да им раздаде на другите жени. Во моментот кога го здогледала, тие се обоиле во совршена црвена боја.

Велики петок (Распет петок)


Велики петок, освен Велипеток уште се вика и Распет петок, зашто на тој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во христијанската религија. Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и принесување на таканаречената бескрвна жртва, се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји. Според преданието, Христос починал на крст во "шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале". Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се до недела, кога за првпат ќе ја огласат радоста на Христовото воскресение.
Одлуката за погубувањето на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот), а тој бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок. По импровизираното судење, Христос бил изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја, кој го предал на народот, кој пак го осудил на смрт. Откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: "Јас не сум виновен за смртта на овој праведник".
Разбеснетиот еврејски народ кој го барал христовото распнување и смрт извикувал: "Крвта негова на нас и на нашите деца".

Потоа, со венец од трње на главата Христос го носел својот крст до ридот Голгота, каде што е распнат и каде пред да испушти душа побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: "Оче, прости им зашто не знаат што прават".
Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение. Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос. Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
СТРОГ ПОСТ
Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи  дома, ниту на поле.