“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

понедељак, 5. октобар 2015.

Отпадоци, рециклирање, компостирање, депонии


Mесец октомври е  месец за управувањето со отпад, неговата реупотреба, рециклирање, селектирање, компостирање.
Во овој месец би било убаво да се ослободиме од е-отпадот, истрошените батерии, пластичниот отпад, старата хартија, стариот мебел и сите непотребни предмети кои повеќе ни пречат, го нагрдуваат опкружувањето и загадуваат. Внимавајќи и грижејќи се за отпадот ги отклонуваме негативните ефекти врз животната средина и здравјето на луѓето.


ОТПАДОЦИ ОД ХРАНА

За родендени и празници  храната се подготвува во големи количини и најчесто одвај половина од тоа што е сервирано ќе се изеде, а останатото ќе заврши во кантите за отпадоци.
Од многу написи дознаваме дека во Америка само во една година фрлаат околу 34 милиони тони храна од која само 3% се рециклирани односно  реупотребени, а останатите 33 милиони тони завршуваат на депониите. Во Европа годишно се фрлаат 89 милиони тони храна, што е недозволиво. Денес храната представува најголем процент од цврстиот отпад, но не мора да е така. Храната  може да им се даде на оние на кои им е потребна.
Во нашата земја постојат многу  народни кујни каде оваа храна може најдобро да се искористи.
Може да се направи квалитетен компост без хемиски додатоци.
Може да се искористи како  квалитетна храна за домашните животни, ако немате животно - вдомете . 
Продолжете го рокот на траење на храната преку преработка. На пример: Омекнатите  домати, не чекајте да скапат, туку продолжете им го рокот на траење, со тоа што ќе ги издинстате и направите салца, како додаток на други јадења.
Остарениот леб, потпечете го со зеленчук или испржете го со јајца.
Од недојадениот ориз кој сте го подготвиле како прилог за ручек, може да подготвите вкусен нов оброк со додавање  зеленчук и зачини.
Сите знаеме дека отстојаните сарми, подварок, грав и други јадења се повкусни и можат да се сочуваат за некој друг ден и  да не се фрлаат.

Зошто треба да компостираме?

Заштедуваме, компостот е квалитетно органско ѓубриво кое е потполно бесплатно. Ја штитиме околината, со компостирање количината на отпад кое завршува на депониите може да се намали за третина.
Се намалува создавањето на метан кој придонесува за создавање на ефектот на стаклените градини т.е придонесува за климатските  промени. Се намалува загадувањето на подземните води со оние течности кои се исцедуваат од одпадот. Компостот ја подобрува структурата на почвата и го спречува нејзиното сушење. Компостот ја намалува ерозијата на земјата.
Во Македонија не се врши раздвојување на отпадот и целиот отпад се носи на депониите. Со такво однесување кон отпадот уништуваме големи количини на секундарна суровина, а неконтролираното разградување на органскиот отпад предизвикува многукратни штетни последици. Со воведување на едноставни мерки за сепарација и повторно користење на секундарните суровини, како и со компостирањето на органскиот отпад многу ќе се придонесе за зачувување на нашата планета.
Процесот на компостирање овозможува ефикасно кружење на органската материја, намалување на количините отпад кои се носат на депониите и создавање на природно ѓубриво кое се користи во одгледувањето на поздрава храна. 
Компостот ја  збогатува  почвата со органски материи, кои представуваат храна за живите организми, го зголемува нејзиниот квалитет и стабилноста. Компостот ги храни растенијата, овозможува проветрување на почвата, ја задржува водата, ја намалува ерозијата и овозможува зголемен капацитет за задржување на влагата.
Поради сето ова, компостот треба да се применува секогаш кога е тоа можно во овоштарниците, градините, расадниците, парковите и зелените површини.
Органски отпад – биоотпад е всушност кујнскиот отпад. Тој представува 1/3 од куќниот отпад и е вредна суровина за производството на квалитетен биокомпост.
За производството на органски компост – биокомпост како суровина може да се користат свежи и исушени остатоци од овошје и зеленчук, лушпи од јајца, талог од кафе, кесички од филтер чаеви, овенато цвеке одгледано безпестициди, слама, покосена трева пред цветање, листови од дрва, хартија и картон кој не е обоен со вештачки бои и кој не содржи олово, отпад од производство на пиво или вино итн. Колку е поразновиден составот на материјалот, толку компостот е побогат со хранливи материи.
При производството на биокомпост не треба да се употребуваат материјали кои не можат природно да се разложат како што е пластика, стакло, порцелан, ковани предмети, бои, лакови, машинско масло и слично. Не треба да  употребуваме заболени  растенија кои се нападнати од штетници, кора од лимон, портокал, банана, измет од луѓе, кучиња и мачки, детергенти и други средства за хигиена, расцветан плевел, лекови и остатоци од пестициди.


ДЕПОНИИ

Депониите со своите исцедоци ги загадуваат  подземните и  површинските води. Како загадувачи од отпадните исцедоци се јавуваат  растворите на органските материи како што се  алкохоли, киселини, алдехиди и шеќери,  потоа неорганските макрокомпоненти – калциум, магнезиум, натриум, калиум, амониум, железо, манган, алуминиум, хлориди, сулфати, водород карбонат, како и тешките метали: кадмиум, хром, жива, бакар, олово, никел и цинк.
Тука се и ксенобиотични органски соединенија (XOCs) како што халогенирани органски соединенија со потекло од домаќинствата или индустриските хемикалии. Овие соединенија вклучуваат и различни ароматични јаглеводороди, феноли, хлорирани алифатски соединенија, пестициди и пластификатори.
Во исцедокот од депониите може да се најдат и други соединенија, како на пример борати, сулфиди, арсенати, селенати, бариум, литиум и кобалт.

Потрошените батерии и акумулатори, измешани со комуналниот отпад на депониите низ државава претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето и за животната средина, поради  тешките отровни материи што ги содржат.
Несоодветно третирани, отпадните батерии и акумулатори не́ трујат со олово, жива, арсен и кадмиум, бидејќи овие опасни материи истекуваат во почвата и подземните води.
Кадмиумот од една батерија на мобилен телефон загадува 600.000 литри вода. 1 грам жива загадува 400 литри вода. Затоа тие не треба да се фрлаат заедно со другиот, комунален отпад, туку со нив да се постапува според строго утврдена процедура.
Почнувајќи од 2010 година, во Македонија на сила е Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, според кој „Забрането е отпадните батерии и акумулатори да се оставаат или предаваат на места означени за собирање и селектирање на комунален отпад од домаќинствата или на друг вид отпад“. Законот се однесува на батерии (сите батерии, батериски пакувања, батерии во форма на копче, автомобилски батерии, индустриски батерии) или акумулатори, без разлика на нивната форма, зафатнина, тежина, материјалот од кој се составени или намена за користење.
Македонија годишно собира над 300 тони отпадни батерии и акумулатори, што претставува многу мал процент од сите батерии и акумулатори што се пуштени на пазар.
Треба да внимаваме и старите акумулатори да ги  однесеме кај трговците што имаат дозвола за откуп и постапување со отпадни батерии и ќе добиете попуст на цената на новиот акумулатор. Малите батерии  никогаш да ги фрлате на исто место со комуналниот отпад и така да им направите пат до депониите, односно да им дадете директна можност за загадување на почвата и водата.
Погрижете се вашите батерии да не влијаат врз животната средина со штетната жива така што ќе изберете батерии со сребрен оксид без жива или литиум-мангански батерии. Избирањето на производи без жива може да ја намали годишната употреба на жива за 470 килограми.
Употребувајте батерии на полнење и заштедете енергија (на пример повеќенаменските батерии се идеална еколошка алтернатива за конвенционалните алкални батерии – со нивната употреба драстично се намалува бројот на фрлени алкални батерии). Денешните научници работат на усовршувањето на Био-батерии кои кои генерираат електрична струја со користење ензими за кршење јаглехидрати, во форма на глукоза. Овие батерии ја применуваат вродената способност на организмите да добиваат енергија од хранливи материи, кои, наместо да бидат искористени за животни активности, се користат за создавање електрична енергија.


РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ОТПАДОЦИ

Рециклирањето вклучува повеќе фази како што се: собирање на отпадоците, сепарација, преработка и производство на нови производи од веќе искористени предмети и материјали. Најважно е да се направи правилна поделба на отпадот и да се селектираат пооделно. Без рециклирањето на отпадот во секојдневниот живот, без доволната грижа што оставаме зад себе и околу себе, тешко може да се замисли процесот на управување со отпад. 
Многу материјали можат да се рециклираат, односно  сите материјали што во својот состав имаат хартија, стакло, картон, алуминиум, железо, керамика, пластика (полимерни материјали), алуминиум идр.


ХАРТИЈА

Хартијата ја добиваме со преработка на дрвата со помош на различни хемиски средства и при тој процес доаѓа до уништување на големи шумски површини  и загадување на околината.
Собирањето на старата хартија и нејзино рециклирање придонесува за помала штета врз животната средина, голема заштеда на енергија во однос на добивање на хартија од дрво, многу помала потрошувачка на вода во однос на добивање на хартија од дрво, брз и едноставен начин на доаѓање до хартија за повторна употреба.
Најраспространет начин за рециклирање на  карон и хартија е ставање на хартијата и картонот во големи буриња со вода во кои се мешаат. Со ова мешање се раздвојуваат влакната со што хартијата брзо се разложува. Влакната впиваат вода и се претвораат во голема смеса на разводенети влакна. Сите нехартиени елементи  испловуваат на површина ако се полесни или потонуваат на дното, ако се потешки, така да можат лесно да се отстранат. Овој процес трае релативно кратко 20 - 30 минути.
Издвоените влакна можат да се употребат за производство за весници, хартиени кеси, хартиени марамчиња, ребраст картон за кутии, амбалажа за јајца и др.
Сите видови на тетратки, испишани листови на хартија, списанија, постери и флаери, хартија за копирање во боја, пликоа, картонски кутии, картони за завиткување, кеси, тефтери и  сета амбалажа од купените производи во малопродажба и големопродажба можат да се рециклираат.
Со собрање на стара хартија спречуваме уништување и сечење на дрвата и трошиме  многу помалку вода. Некои податоци велат дека со рециклирање на еден тон канцелариска хартија, спасуваме 17 стебла на дрва, штедиме 4200 kW енергија и 32000 литри вода .
Со селектирање на хартијата од стаклото, пластиката, металот, органскиот отпад и депонирање  во посебни контејнери и канти кои се наменети  за хартија  ќе придонесеме хартијата да заврши на рециклирање наместо во депонија.
Производите од хартија треба да ги употребуваме повеќе пати.
Потребни се построги закони кои ќе уредат задолжително селектирање на отпадот и рециклирање на хартијата.


E-отпад

Играчките кои што повеќе не се за употреба, а содржат електронски делови, не треба да се мешаат со комуналниот отпад, туку да се однесат до местата означени за одлагање на е-отпад.
Не ги исфрлајте играчките заедно со батерии во нив. Батериите секогаш фрлајте ги на соодветните места за таа намена.
Внимавајте при купувањето на батериите – изберете батерии кои може повеќепати да се полнат и батерии кои содржат помали количини на жива и тешки метали.
На  PVC  материјали кои  најчесто се употребуваат во изработка на детските играчки, не им е место  во контејнерите за комунален отпад.
Поправете ги расипаните играчки, наместо веднаш да ги фрлите, не купувајте без потреба.
Подарувајте ги играчките и апаратите кои веќе не ги користите на оние на кои им се потребни.
Секогаш изберете продукти кои може да се реупотребат.
Купувате половни производи, ќе заштедите ресурси.
Купувајте производи од рециклирани материјали.


Сончева енергија

Сончевата енергија која доаѓа на Земјата претставува електромагнетно зрачење кое може да се претвори во други видови на енергија како што се топлинска, хемиска, механичка, електрична.
Сончевата енергија како алтернативен извор е идеална за снабдување со топлинска енергија за сите секојдневни потреби, како и за производство на електрична енергија, за транспорт, за природно осветлување и за многу други потреби.
Според истражувањата на експертите, Македонија има одлични географски и климатски услови за искористување на сончевата енергија. Просечниот број на сончеви часови во Македонија, текот на 12 месеци, земајќи го опсегот на мерења од 2001 година до 2009 година, изнесува 2199,9 сончеви часови на годишно ниво.
Иако Македонија има многу сончеви денови во текот на целата година, многу мал процентот од сончевата енергија се користи за претворање во некој друг вид на енергија. 

Нема коментара:

Постави коментар