“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

петак, 08. март 2013.

8-ми Март - Меѓународниот ден на жената

8-ми Март - Меѓународниот ден на жената
На 8-ми март секоја година се одбележува Меѓународниот ден на жената. Тоа е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистирало социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28-ми февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка.
Во 1910 година под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум.
Следната година, на 19 март 1911, овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8-ми март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.
Инспирирана од случувањата во САД во 1909-тата година, по повод ова прашање, Германката Луиз Циц го предложила организирањето на Меѓународниот ден на жената.
Со оглед на тоа што Циц не успеала свите идеи да ги претвори во дело, германската феминистка Клара Цеткин (1857 - 1933) ја превзела иницијативата за празникот.
Во периодот од 1892 година до 1917 година Цеткин живее и работи во Штудгарт каде го издава весникот „Еднаквост“. Таа е една од основачите на Меѓународниот социјалистички женски конгрес чие основање се датира во 1907 година. Три години подоцна, во 1910 година на Конгресот на Меѓународната конференција на жената одржан во Копенхаген, на предлог на Клара Цеткин, донесена е одлука за прогласување на Меѓународен ден на жената, без притоа да се прецизира неговиот датум.
Симболиката на овој празник требало да биде актуелизирање на барањата за подобрување на условите за работа на жените и квалитативно подобрување на нивниот социјално – политички статус во општеството.
Веќе наредната 1911 година празникот на жената е одбележан на 19-ти март, а дури по револуцијата во Русија и победата на болшевиците, како Ден на жената е прогласен 8-ми Март, датум на кој во 1917 година жените во Москва одржале големи антивоени демонстрации. Токму таа година, жените во Русија во знак на протест на организирале протест „Леб и мир”. Четири дена потоа, царот на Русија абдицирал и привремената Влада им одобрила на жените право на глас.
Организацијата на Обединетите Нации годината 1975 ја прогласиле за Меѓународна година на жените, и 8-ми март за Меѓународен ден на жените. Две години подоцна Генералното собрание на ООН со прокламација ја прифатило резолуцијата за правата на жените и меѓународниот мир. Со прифаќањето на резолуцијата Генералното собрание доделило признание на  улогата на жените во напорите за мир и развој во светот и се заложило за крај на дискриминацијата и зголемување на поддршката за целосно и рамноправно учество на жените во сите сфери на животот.
Иако во историјата одбележувањето на овој ден  започнало како политички настан, денес тоа е празник испреплетен со културите навики на многу светски народи.
Денес, 8 март е државен празник само во малку земји како Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Бугарија, Монголија, Узбекистан, Виетнам, Кина.
Република  Македонија е една од ретките земји во кои се празнува Меѓународниот ден на жената, иако овој празник има само симболичен статус и нема политички конотации.

Нема коментара:

Постави коментар